Арена
Image default

Доаѓа Арена – Нов месечен магазин

Доаѓа првиот број на месечникот Арена. Нешто ново и сосема поразлично од постојното на актуелната македонска медиумска сцена. Храбро (можеби и лудо) се решивме да правиме печатен магазин во ерата на онлајн медиуми, кога весници и списанијата со долги традиции згаснуваат или се префрлаат само на интернет мрежата. Ние одиме спротивно на струјата и трендовите.

Зошто се решивме на овој потег?

Со појавата на интернетот, и неговата демократичност секој да има пристап јавно да го сподели свето мислење, напливот на просечното и површното како да ги надгласа и маргинализира слободоумните интелектуалци кои се компетентни, едуцирани, ерудити и први во својата професија. Токму на нив сакаме да им ги отстапиме страниците на Арена и со нивна соработка да направиме еден „паралелен универзум“ на постојниот исполнет со медиокритетност, агресивност, бучност, опортуност). Веруваме дека Интернетот е само платформа, додека убаво напишаната реч, занимливата приказна, атрактивната фотографија се есенцијата на новинарството.

За нас најважна ќе  биде содржината за која веруваме дека во секој број ќе ви биде привлечна, атрактивна, ексклузивна. Сакаме да направиме списание, кое без никаков комплекс ќе може „рамо до рамо“ да стои во трафика со било кое друго, постаро и поетаблирано списание од регионот. Во таа компетенција, за нас регион претставува целиот простор од Виена до Истанбул.

Некој ќе рече дека јазикот и азбуката ни се хендикеп, дека е мал број на оние кои зборуваат на македонски јазик и читаат македонска кирилица. Таквото размислување на нас не ни е блиско бидејќи, исто како и со Интернетот, фокусот се поместува на споредни нешта. Ние сакаме да веруваме, ако содржината е атрактивна и ексклузивна, дека другите медиуми од регионот ќе се потрудат да го разберат македонскиот јазик, ако сакаат да нè читаат и пренесат на нивните читатели. Во ерата на интернетот, сите „зборуваме“ онолку јазици колку има на Google Translate. Во такви околности, македонскиот јазик е линга франка исто колку што се и англискиот, шпанскиот, српскиот, бугарскиот.

Значи, повторно ќе кажеме, најважно од сè е да имаме содржина: занимливи текстови, ексклузивни интервјуа, атрактивни колумнисти и да покренуваме теми кои ќе ја покренуваат  вашата љубопитност, но и ќе ви нудат одговори и решенија на прашања и дилеми за кои претходно сте размислувале.

Во првиот број на Арена сето тоа ви го нудиме преку нашите новинари и соработници, кои пишуваат за најразлични работи со кои дневно се сретнува и е обременет современиот човек. Листата на колумнисти ни е најшаренолика. Тие се нашата гордост и богатство.